Што е многу, многу е: Солскјер има седум централни дефанзивци, некој мора да си оди

Управата на Манчестер Јунајтед му ја исполни желбата на Оле Гунар Солскјер прифаќајќи ги условите на Лестер за мега-трансферот на Хари Мегваер. Англискиот репрезентативец ќе пристигне на „Олд Трафорд“ за сума од 85 милиони фунти, надминувајќи го светскиот рекорд за дефанзивен фудбалер што досега беше сопстеност на Вирџил ван Дајк.

Нема сомнеж дека одбраната на Јунајтед ќе добие на цврстина и на квалитет со доаѓањето на Мегваер, но Солскјер ќе мора час поскоро да пресече и да ослободи некој од централните дефанзивци што ги има во тимот. Затоа што за овие две позиции во тимот заедно со Мегваер норвешкиот стручњак ќе има дури седум фудбалери.

Ерик Баи дефинитивно не може да биде продаден откако екс-фудбалерот на Вилјареал заработи незгодна повреда поради која ќе паузира најмалку пет месеци од терените. Солскјер веќе извесно време се обидува да го продаде Рохо, но без многу успех бидејќи ниту еден клуб не сака да му ја израмни платата од 100.000 фунти неделно што ја зема во Јунајтед.

Најголеми шанси да биде партнер на Мегваер му се даваат на Виктор Линделоф, уште една скапа инвестиција платена неполни 50 милиони фунти. Крис Смолинг во декември потпиша нов договор до 2022 година и ќе биде користен како резервна опција за тандемот Мегваер – Линделоф, но Фил Џонс е еден од оние кои дефинитивно се достапни за трансфер доколку се добие понуда во следните пет дена, до истекот на преодниот рок на 8 август.

Солскјер во текот на подготовките му даде шанса и на 21-годишниот Аксел Туанзебе, кој одигра сосема солидно. Сепак, многу поголема е веројатноста младиот дефанзивец да замине на нова позајмица (лани беше во Астон Вила) за да продолжи да се развива, отколку да остане и да ја грее клупата цела сезона.

Се вчитува...