Што се случува со Илија Несторовски?

Македонските репрезентативци по завршувањето на настапите за националната селекција се вратија во своите клубови, Илија Несторовски повторно е во Палермо, клубот кој се обидуваше да го продаде, но не успеа во тоа, па македонскиот ас најмалку уште неколку месеци ќе мине во дресот на италијанскиот второлигаш.

Приказната е добро позната, Несторовски играше извонредно за Палермо во „Серија А“, не успеа да го сочува тимот во елитата, а потоа претседателот Зампарини бараше богатство за него, одбивајќи бројни понуди од околу десет милиони евра. Интересот се олади, па Зампарини сега не може да го продаде Несто-гол и за половина од таа сума, а целата ситуација се одрази и врз формата на овој одличен голгетер. Палермо во првите две кола има две нерешени средби, Несторовски е далеку од посакуваниот ритам, а италијанската јавност и навивачите на Палермо со право се прашуваат: Што се случува со Илија Несторовски – потсетувајќи дека овој голгетер последниот лигашки гол го постигна на 2 април.

„Лани на натпреварите гледавме играч желен за победи, за голови, но тоа не беше случај пред крајот на сезоната, како и на статот од новиот шампионат. Почетокот можеби беше со нарушена концентрација поради случувањата на пазарот, но сега е неопходно Несторовски да ја врати самодовербата и решеноста да влезе во форма, за доброто на клубот. Тоа исто така е и за негово добро, за да си ги зголеми шансите за трансфер во јануари, нешто што ако продолжи со вакви партии се чини невозможно“ – се вели во коментарот на тиражниот весник „Газета дело спорт“ за македонскиот голгетер.

Слабата форма го чинеше Несторовски место и во првиот тим на македонската репрезентација на првите две средби од Лигата на Нации. Едно е јасно, станува збор за квалитетен голгетер кому му е потребен еден гол за да си ја врати самодовербата, па потоа да влезе во посакуваниот ритам.

Палермо в недела гостува на Фоџа, шанса на Несторовски да ги замолчи критичарите и да потсети на своите најдобри денови, кога беше кошмар за дефанзивците во италијанската фудбалска елита.

Се вчитува...