Шведска е петта, а Шпанија седма на СП 2019

Шведска го освои петтото место на СП 2019 откако во вечерашниот дуел славеше над Хрватска со 34-28. Мечот беше без никакво посериозно значење бидејќи и двете селекции обезбедија учество на предолимписките квалификации, но Швеѓаните делуваа порасположено на теренот, го надиграа составот на Лино Червар и заслужено се радуваа на победата. Нивниот триумф во ниту еден момент не беше доведен во прашање, мечот го отворија со водство од 2-0, потоа 5-2, па 7-3 и 11-5, контролирајќи го резултатот до самиот крај.

Екберг со шест и Нилсон со пет гола беа најефикасни во скандинавската репрезентација, додека прв стрелец на Хрватска при вечерашниот пораз беше Степанчиќ со пет погодоци.

Претходно, во дуелот за седмото место Шпанија славеше против Египет со 36-31. Отпорот на „фараоните“ беше скршен во самиот финиш, а во главна улога беше Жоан Канелјас, постигнувајќи дури девет погодоци со само едно промашување.

Се вчитува...