„Шверцерите“ демантираат: Не сме го нападнале момчето, „Комитите“ нека дадат докази!

Навивачката група „Комити Запад“ преку соопштение јавно го осуди вчерашниот трагичен настан во центарот на Скопје, кога беше прободено 16-годишно момче – член на оваа навивачка група. Вардаровите навивачи побараа од МВР и одговорните да сторат многу повеќе од „барање на сторителите“, нешто што според „Комити“ досега било пракса кога биле напаѓани нивни членови.

Притоа „Комитите“ обвинија дека нападот е од членови на навивачката група на Шкупи, „Шверцери“. Сето тоа преку ново соопштение го демантираат „Шверцерите“ кои тврдат дека немаат ништо со нападот на момчето во центарот на главниот град.

„’Комити’ – Скопје не обвинија за нешто кое ние не сме го направиле. Категорично тврдиме дека немаме апсолутно ништо со нападот на 16-годишното момче. Ниту еден наш член во моментот на нападот воопшто не бил на таа локација, и апсолутно не знаеме зошто обвинувањата се упатуваат на нас за нешто што се случува меѓу нив. Ако „Комитите“ имаат било каков доказ за овие обвинувања нека ги покажат во јавноста. Но, знаат дека не е така, затоа што „Шверцерите“ никогаш нема да бидат како нив кои напаѓаат жени и деца. Повторуваме дека тој случај нема никаква врска со нас“ – се вели во соопштението од навивачката група „Шверцери“.

 

Се вчитува...