Швијонтек е кралица на женскиот тенис – пехар на Ролан Гарос и израмнување на рекордот на Венус Вилијамс

Ига Швијонтек продолжува да импресионира во светот на женскиот тенис откако без премногу мака се закити со титулата на Ролан Гарос, во финалето совладувајќи ја Коко Гауф од САД со максимални 2-0 во сетови. Полската тенисерка одигра доминантно, не дозволувајќи и на противничката да се понадева на сензација, за продолжување на неверојатната серија што сега изнесува 35 победи во низа.

Од самиот старт стана јасно дека Швијонтек е максимално фокусирана, откако фуриозно го одигра првиот сет добивајќи го со 6-1. Гауф имаше краток блесок на стартот од вториот дел, поведувајќи со 0-2, но полската тенисерка набрзо ги презеде работите во свои раце, освои шест од наредните седум гејма и со убедливи 6-1, 6-3 стигна до својот втор трофеј на Ролан Гарос.

Она што е уште поимпресивно, Ига го израмни неверојатниот рекорд на Венус Вилијамс, која во 2000 година забележа 35 победи пред да биде запрена од Капријати во финалето во Линц. Швијонтек го остави зад себе фантастичното остварување на Серена Вилијамс, која во 2013 година нанижа 34 победи пред да биде поразена од Лисицки во осминафиналето на Вимблдон.

За потсетување, серијата на полската тенисерка почна со освоениот пехар во Доха, потоа таа доминантно триумфираше и во Индијан Велс и во Мајами, славеше и на двамеча од „Били Џин купот“, како и на наредните турнири во Штутгарт и Рим, пред да се закити со трофејот на Ролан Гарос, со само еден загубен сет.

Се вчитува...