Силекс се „штедеше“, па дефинитивно го загуби третото место (ВИДЕО)

Струга ТЛ ја обезбеди третата позиција на табелата во ПМФЛ со денешниот триумф над Силекс од 2-0 во 29. коло од ПМФЛ. Стружани успеаја да дојдат до лесна победа над кратовскиот тим, кој максимално ги штедеше силите за реваншот од Купот кој се игра на 6. мај, па така на овој натпревар настапи без неколку стандарни првотимци.

Тоа го искористија домашните кои дојдоа до триумф со по еден гол во двете полувремиња. Откако во 10. минута Малески не реализираше зицер ситуација, која му ја одбрани Џеков, во 21. минута предност за Струга ТЛ.

Нафрли Шабани од слобоен удар на главата на Маудо, кој со глава погоди во горниот лев агол од голот на Џеков за предност.

Вториот дел почна мирно, а потоа една грешка на Бутуровиќ во 55. минута, му овозможи на Малески да дојде до топката, да го мине и Џеков и да погоди и за 2-0.

До крајот на средбата двата тима само го чекаа последниот свиреж, со оглед дека победникот веќе беше решен, а Силекс имаше само еден обид во финишот да ублажи, но Ангелети беше сигурен.

Се вчитува...