Силен меѓународен турнир во мечување „Скопје куп 2023“ во СЦ „Јане Сандански“

Љубителите на мечувањето викендов, во малата сала во Олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“ ќе имаат можност да ги видат мечувалците од шест држави кои ќе настапат на обновениот третти по ред „Скопје куп“ кој ќе се одржи во организација на Мечувалечката федерација на Македонија.

Ќе учестуваат мечувалци од Франција, Романија, Грција, САД, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија кои ќе се натпреваруваат во кадетска и сениорска категорија. Напоредно, со „Скопје куп“ ќе се одржи и третиот  меѓународен турнир  „Меморијал Александар Анастасов“, во категорија на ветерани , кој се одржува во чест на најдобриот мечувалец во Македонија, а ќе се натпреваруваат во меч и сабја.

Александар Анастасов покрај многуте освоени титули државен првак во поранешна Југославија, во самостојна Македонија, во категорија на ветерани освои десет медали на европските првенства и меѓународни турнири и беше и светски првак што е најголем успех на македонското мечување.

„Скопје куп“ на програмата е на 9. и 10. септември,  со почеток во 9:30 и 13 часот, додека меморијалниот турнир  е  само  на 9. септември со почеток во 13 часот. Влезот е слободен.

/М.М/

Се вчитува...