Симиќ на чекор до дабл-дабл, Барселона ја прегази Валенсија

Барселона ја оствари и втората победа на ‘Next Gen’ турнирот во Евролигата откако каталонците го совладаа домаќинот на турнирот, Валенсија со преубедливи 48-109. Македонскиот младински репрезентативец Теодор Симиќ имаше одличен натпревар во кој беше на чекор до дабл-дабл учинок.

Текот на натпреварот беше назначен од самиот почеток. Барселона постигна 30 поени во првата четвртина наспроти 13-те на домаќинот, а одличниот ритам на каталонците продолжи и до крајот на првото полувреме на кое Барселона замина со позитива од 63-21. Каталонците го намалија ритамот во вториот дел од мечот, но и покрај тоа ја зголемија крајната предност.

Симиќ одигра одличен натпревар кој го заврши со 16 поени со само еден промашен шут од поле (5/6) и перфектни (6/6) од линијата за слободни фрлања. Згора на тоа додаде и седум скока од кои два во нападот и три асистенции.

Утре со почеток од 16 часот Барселона ќе го пречека српскиот состав Мега и овој натпревар директно ќе одлучува за првото место во групата „Б“.

Се вчитува...