Симиќ си поигруваше во Патра: 27 поени против „Ол-стар“ тимот на Спанулис

Македонскиот репрезентативец Тео Симиќ одигра нов одличен натпревар за Барселона на Некст-ген турнирот на Евролигата во Патра, но за жал учинокот на Македонецот не беше доволен за каталонците да забележат победа против „Ол-стар“ тимот предводен од легендарниот Василис Спанулис во битката за трето место.

Симиќ на теренот помина 33 минути во кои постигна 27 поени со реализација 10/19 од поле, но со скромни 1/5 зад линијата 6,75. Македонецот беше сигурен во изведувањето на слободни фрлања (4/4), а додаде и шест скока од кои пет во нападот и две асистенции.

Барселона настапот во Грција го заврши на третото место на табелата па со „вајлд“ карта ќе бара учество на завршницата на овогодишното издание на најдобрите младински тимови од „стариот континент“. На четири одиграни средби Симиќ забележа просек од 14.8 поени, 7.6 скока и 1.8 асистенции.

Се вчитува...