Сите заминуваат- што ќе остане од Металург?

Металург со денешното дерби против Вардар ќе го заврши овосезонскиот настап, во кој клубот од „Автокоманда“ со освоениот Куп на Македонија покажа блесок на своите „славни времиња“. За жал, остатокот од сезоната е разочарувачки, слаб настап во Лигата на шампионите, претпоследна позиција во СЕХА и губење на второто место на домашната ракометна сцена.

Падот е очигледен, а за жал се очекува истиот да биде уште поголем во наредната сезона, со оглед на бројните најавени заминувања од „Автокоманда“. Репрезентативецот Танкоски веќе поднесе барање до Арбитража за раскин на договорот и преселба во Еурофарм Работник, а „фармацевтите“ од Битола се заинтересирани и за Мартин Велковски. Голманот Мартин Томовски веќе си договори трансфер во Лудвигсхафен, тим што испадна од елитното друштво и во новата сезона ќе се натпреварува во втората лига.

Словенецот Шпенде својата кариера ќе ја продолжи во Загреб, а крилото Анте Токиќ, кој беше еден од најдобрите играчи на Металург сезонава, веќе се договори за наредната сезона со Ајзенах. Од „Автокоманда“ си заминува и Миличевиќ, а ако на сето ова се додаде и интензивниот интерес за Мартин Серафимов, јасно е дека Металург ќе биде преполовен.

Недоволната финансиска моќ е причината поради која ќе биде невозможно да се ангажираат адекватни замени, па за очекување е Металург да внесе нов бран на играчи од младинските категории во првиот тим. Одличната работа во младинската школа уште еднаш ќе му помогне на поранешниот првак да ги залечи раните од беспарицата, но не може да се побегне од болната вистина – со секоја наредна сезона поранешниот шампион е се подалеку од врвниот ракомет по кој беше препознатлив со години наназад.

Се вчитува...