Слободен агент – Колашинац го избра Јувентус пред Челси

Сеад Колашинац беше еден од најпосакуваните фудбалери на пазарот во јануарскиот преоден рок, пред се поради фактот дека цената му беше намалена бидејќи договорот со Шалке му истекува за шест месеци. Германскиот прволигаш сепак реши да ги одбие понудите и да го задржи босанскиот лев бек до крајот на сезонава, но веќе е јасно дека Колашинац нема да потпише нов договор со овој клуб, туку ќе се реши за нов предизвик во карерата.

Антонио Конте го посакуваше овој играч во Челси за следната сезона, но Италијанецот остана со празни раце откако Колашинац го избра Јувентус за своја следна дестинација. „Црно-белите“ во јануари воопшто не бараа замена за Патрис Евра откако му дозволија на ветеранот да се пресели во Олимпик Марсеј, свесни дека договорот со Колашинац ќе им овозможи беспрекорно покривање на позицијата лев бек од следнта сезона.

Како што јавува весникот „Тутоспорт“, повикувајќи се на информации блиски до управата на Јуве, сите детали се веќе договорени, а Колашинац веќе во текот на следната седмица ќе ги мине лекарските прегледи, по што ќе го стави својот потпис на четиригодишниот договор со „старата дама“.

Се вчитува...