Словенија не е само Лука Дончиќ – џиновска победа за четвртинале, „кенгурите“ елиминирани

Словенија се пласираше во четвртфиналето од Мундобаскет откако оваа репрезентација стигна до извонредна победа над Австралија од 91-80, со која на едно коло до крајот на главната фаза го осигура пласманот меѓу најдобрите осум селекции во светот. Триумфот е уште поголем ако се земат во предвид големите проблеми со личните грешки што ги имаше Лука Дончиќ, но Словенците и во периодите кога тој не беше на теренот целосно му парираа на противникот, на крајот заслужено стигнувајќи до победата.

Словенија почна одлично, од самиот старт наметна силно темпо со кое ги збуни Австралијците, на кои брзата игра на ривалите вообичаено им одговара, но тоа не беше случај и овојпат. Словенците постигнаа 28 поени само во првата четвртина (28-18), но проблемите настанаа на стартот од вториот период, кога Дончиќ ја доби втората лична грешка, а во 13. минута Лука доби и техничка грешка и мораше да биде повлечен од игра. На стартот од третиот период најдобриот словенечки кошаркар веднаш доби и четврти прекршок и проблемите станаа очигледни, но Словенија одлично се снајде и во негово отсуство. Главната криза беше надмината на крајот од третата и почетокот од последната четвртина, кога Австралија предводена од Гиди се приближи на само два поени разлика. Сепак, Словенците се разбудија кога беше најважно, Дончиќ имаше неколку извонредни потези во одбраната и помогна предноста пак да се качи, за оваа селекција на крајот заслужено да триумфира со двоцифрена разлика.

Тоби одигра одличен меч со дабл-дабл од 18 поени и 12 скокови, Дончиќ реализираше 20 поени, седум скока и шест асистенции, а Препелич и Хроват реализираа по 10 поени.

Словенија и Германија во следното коло во меѓусебен дуел ќе решаваат за тоа која селекција ќе биде прва, а која втора во пресрет на нокаут-фазата, додека за Австралија овој пораз значеше и губење на сите шанси за пласман во четвртфиналето.

Се вчитува...