Словенија освоена „од трета мајка“: МЗТ до деветта победа во АБА2

МЗТ Скопје во својот трети обид сезонава успеа да стигне до триумф на гостување во Словенија, откако тимот на Ѓорѓи Кочов вечерва славеше над Хелиос со убедливи 73-92. Победата е апсолутно заслужена ако се знае дека „сино-белите“ цел натпревар го контролираа темпото и резултатот, трасирајќи си го патот кон деветтиот триумф во регионалното натпреварување.

Андрија Бојиќ беше во главна улога во првата четвртина, во која српскиот центар постигна 13 поени и беше најзаслужен што македонскиот вицепрвак го доби овој дел од мечот со 21-25. Во вториот период во ритам влезе и Дамјан Стојановски, позитивата веднаш се зголеми, па МЗТ замина на одмор со убедливи 37-49. Кризен беше само првиот дел од третата четвртина, во кој домаќините заиграа далеку подобро во одбраната и набрзина израмнија на 54-54. Сепак, по двете слободни фрлања на Бојиќ следеа пет многу важни поени на Магдевски со кои МЗТ повторно резултатски се одлепи. Хелиос немаше сили за камбек во последната четвртина, во која предноста на тимот од Скопје се повеќе се зголемуваше се до конечните 19 поени разлика.

Феноменалниот Бојиќ го заврши натпреварот со 35 поени, 11 скокови и две блокади, Вудард постигна 14, а Магдевски 13 поени за македонскиот вицешампион.

МЗТ Скопје со оваа победа се заврсти на второто место на табелата, а во последниот меч за оваа 2018 година „металците“ ги очекува ново гостување, во Србија против Борац Чачак.

Се вчитува...