„Словенците си нарачуваа пица од надвор, а сега плачат дека се намерно отруени…“

Словенечката репрезентација се пожали дека 12 ракометари имале симптоми на труење од храна во последните 24 часа пред клучниот натпревар против Египет. Словенците обвинуваат дека станува збор за заговор со умисла, се со цел да му се помогне на домаќинот, но нивната приказна паѓа во вода по последната изјава на директорот на данската репрезентација, Хенрик Мортенсен, кој тврди дека оваа селекција си нарачувала храна надвор од хотелот, што е спротивно на протоколите.

Данска е ривалот на Египет во четвртфиналето од овој мундијал, но Мортенсен воопшто не стравува од „нечисти игри“ од домаќинот.

„Кога се видовме последен пат со директорот на Словенците, ми препорача да ја избегнуваме хотелската храна во последните 24 часа пред натпреварот. Искрено, тоа ми беше смешно, бидејќи јас со свои очи ги гледав ракометарите на Словенија како нарачуваат пица од надвор од хотелот и им ја носеа во лобито. Верувам дека навистина имале здравствени проблеми, и ние се соочивме со сличен проблем, но не сакам да верувам во теории на заговор бидејќи слични главоболки имаа и многу други селекции во Египет“, истакна Мортенсен.

Се вчитува...