Солзите сами течат… Федерер: Сакав само да играм тенис со пријателите…

Роџер Федерер го одигра својот последен меч во кариерата, а веднаш по завршувањето на дубл-дуелот со Надал против Сок и Тиафо швајцарскиот тениски великан не можеше да ги скрие солзите.

Откако се поздрави со сите тенисери од својот тим, како и од „тимот на светот“, Федерер за момент седна на клупата, додека публиката неколку минути му аплаудираше, уживајќи во последните моменти гледајќи го големиот ас на теренот во лондонската арена.

„Не сум тажен што заминувам во пензија, среќен сум што сум овде… Се што правев, го правев за последен пат, но поради пријателите што ги гледав секаде околу мене стресот не беше голем. Резултатот не е важен, не можам да сум посреќен од ова што го чувствувам во моментов. Фактот дека го играв последниот меч со Рафа многу ми значи, благодарност и до сите тениски легенди кои дојдоа денеска на овој голем ден за мене. Искрено посакував да се чувствувам вака кога ќе дојде крајот, да биде славје, а не тага, ви благодарам на сите што го овозможивте тоа. Никогаш не посмилував дека може да биде ваква приказна… сакав само да играм тенис со моите пријатели, да се натпреварувам. Секако, се што следеше беше фантастично и кога би можел да бирам, повторно би направил се исто. Би сакал да им се заблагодарам на фановите, на сите овде во салата, но и ширум светот за поддршката што секогаш ја добивав. Голема благодарност и до семејството, до родителите и до сопругата Мирка, која ми даваше поддршка да продолжам секогаш кога ќе помислев дека е време да престанам да играм“, изјави Федерер со солзи во очите, додека камерите го уловија расплакан и Рафаел Надал.

Се вчитува...