„Спартанците“ против Шведска бркаат билет за Ф4

Македонската одбојкарска репрезентација денеска со почеток во 15 часот на дуелот со Шведска ќе го стартува својот настап на вториот турнир од Европската лига. По трите победи во низа во Скопје, „спартанците“ денеска во Тирана со триумф над Швеѓаните ќе успеат да го визираат пласманот на фајналфор турнирот што ќе се игра во Данска. Иако и во случај на пораз шансите за Ф4 ќе останат големи (ќе биде потребна една победа во следните две средби, со Азербејџан и со Албанија), нашите репрезентативци се решени да сторат се за уште денеска да го осигураат своето место меѓу четирите најдобри селекции во ова натпреварување.

Ние сме свесни за своите квалитети и со право очекуваме нова победа. Сепак, се ќе зависи од нас бидејќи самите сме си најголеми противници. Во ниту еден момент не треба да помислиме дека сме премногу силни, тоа би била грешка што ривалите ќе ја казнат. Напротив, мора да останеме скромни, да тренираме и да работиме напорно, само таквиот пристап ќе ни го донесе посакуваниот резултат“ – истакна капитенот Никола Ѓорѓиев.

Македонската репрезентација за овој турнир ќе биде посилна за искусниот Ѓоко Јосифов, кој не настапи во Скопје, но овојпат ќе му биде на располагање на селекторот Балтиќ.

Се вчитува...