„Спартанците“ тргнуваат во триумфален поход за место на Ф4

Македонските одбојкари полни со оптимизам патуваат за Албанија, на вториот турнир од Европската лига на кој очекуваат да ја продолжат серијата добри игри и резултати. По трите победи во низа на турнирот во Скопје, „спартанците“ се надеваат на нова триумфална серија и во Тирана, за запечатување на местото на фајналфор турнирот. Веќе е познато дека на Ф4 турнирот се пласираа Данска како домаќин и Украина како првопласирана селекција од другата група, а Македонија по трите победи во Скопје е на добар пат повторно да биде дел од завршниот турнир.

В петок и во сабота Македонија игра во 15 часот против Шведска, односно Азербејџан, а в недела во 18 часот се игра и последниот натпревар од турнирот против домаќинот Албанија.

„Првиот дел од Европската лига успешно го заокруживме, очекувам слични резултати и во Албанија. Целата репрезентација добро работи, здравствениот билтен е добар, ни се приклучи и Ѓоко Јосифов, кој ќе биде значајно засилување за нас“ – изјави селекторот Балтиќ.

Капитенот Никола Ѓорѓиев порача дека одбојкарите никако не смеат да дозволат потценување на противникот, што поскоро треба да биде осигуран пласманот на Ф4, за потоа остатокот од турнирот во Албанија да се искористи за воигрување пред Ф4 турнирот што ќе се одржи во Данска.

„Првиот чекор од трите што ги имаме пред нас е направен – освоивме максимални девет бодови. Искрено, не очекував дека ќе бидеме толку убедиви, но тоа е добро бидејќи имаме девет бода и сега во следните три меча можеме да се воигруваме. Ни треба само една победа за сигурно да бидеме на фајналфор, а останатите средби ќе ги искористиме за дополнително да се воиграме на тактички план. Наша цел ќе биде прво на овој турнир да не ги потцениме противниците, да играме мирно, да ја играме нашата игра без разлика на противникот и ментално да ја градиме нашата игра за Ф4 турнирот во Данска. Тоа се уште е далеку, прво треба да го осигураме првото место во групата, а потоа ќе размислуваме за фајналфор натпреварувањето“ – истакна Ѓорѓиев.

Се вчитува...