Спектакл во најава: Барса и Бока ќе играат во чест на Марадона во Саудиска Арабија

Легендарниот Диего Армандо Марадона остави голема трага и во дресот на Барселона и во дресот на Бока јуниорс, а овие два клуба одлучија симболично да му се оддолжат постхумно.

Барса и Бока закажаа натпревар на 14 декември, кој ќе се вика Куп Марадона, бидејќи ќе играат за трофеј со името на незаборавниот Аргентинец. Единственото нешто што малку боде очи во целата благородна идеја е мечот да се игра во Саудиска Арабија. Главниот град Ријад ќе биде организатор, а натпреварот ќе се одигра на „Мерсол“, кој прима 25.000 гледачи.

Марадона ја започна својата кариера во Аргентинос Јуниорс, а потоа се пресели во Бока Јуниорс кога имаше 21 година и остана само една година, откако оттаму се пресели во Барселона, каде беше две години. На самиот крај на кариерата, Диего играше за Бока уште две сезони.

Неговиот период во Шпанија беше поуспешен, бидејќи Марадона на „Ноу Камп“ славеше освојување на Купот на Шпанија, Суперкупот на Шпанија и Лига купот. Сепак, Диего го постигна најголемиот успех во Наполи, но Италијанците не беа поканети во Ријад, барем не оваа година.

Последен пат Барса и Бока играа меѓусебе во 2018 година за трофејот Жоан Гампер, а каталонскиот клуб славеше со 3-0.

Се вчитува...