Србиновски поднесе оставка, Јончевски седнува на клупата на Гостивар

Неочекуваниот пораз од младите кошаркари на МЗТ Скопје УНИ Банка, донесе промени на клупата на Гостивар откако тренерот на екипата, Марјан Србиновски си поднесе оставка.

Поранешниот селектор бил премногу разочаран од односот на своите играчи и тоа не само во поразот од подмладокот на тимот од Аеродром, кој беше шести во последните осум меча, туку и прикажаните игри во претходните неколку средби, поради што на управата ѝ понудил прекин на соработката.

КК Гостивар преку својот Фејсбук профил ја потврди ваквата информација, тие јавно се заблагодарија на досегашниот тренер, Марјан Србиновски, и му посакаа успех во понатамошниот тек на неговата кариера.

 

 

Оставката на Србиновски е прифатена со тешко срце од клубот и од фановите, а веднаш бил пронајден и неговиот наследник. Станува збор за Александар Јончевски, кој пред неколку дена си замина од таборот на Кожув поради „концепциски разлики со управата на клубот“, за кого се очекува во скоро време да биде промовиран во нов предводник на гостиварци. Александар е поранешен шампион со МЗТ Скопје, а има работено и како помошник во стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија.

Се вчитува...