Србиновски седнува на клупата на Гостивар?

Новиот прволигаш Гостивар почнува со екипирањето за новата сезона, при што директорот Младен Ѓуроски најпрвин го реши тренерското прашање. Како што дознава ЕКИПА, изборот падна врз Марјан Србиновски, кој во текот на следната седмица би требало и официјално да го преземе кормилото на оваа екипа. Во игра за оваа функција беше и екс-тренерот на МЗТ Скопје, Александар Јончевски, но на крајот сепак изборот паднал врз поранешниот македонски селектор.

За Србиновски, кој е роден во Гостивар, ова ќе претставува враќање „дома“, како дел од амбициозниот проект на гостиварци. Оваа екипа и лани обезбеди влез во елитата, но поради проблеми со салата сепак реши да не учествува во Првата лига. Овојпат тоа не беше случај, па со ангажманот на Ѓуроски за директор, сега и на Србиновски за тренер, гостиварци планираат составување на респектибилен тим.

Марјан Србиновски во претходните две сезони седеше на клупата на Куманово, тим со кој стигна и до финалето од плејофот (сезона 2015/2016), каде беше поразен од МЗТ Скопје.

Се вчитува...