Српскиот „снајпер“ Мирко Ковач ќе „стрела“ за Куманово

Куманово успешно доведе уште еден кошаркар во своите редови, откако македонскиот прволигаш денеска потпиша едногодишен договор со Србинот Мирко Ковач. Раководството на кумановци веќе најави дека планира да доведе уште еден крилен кошаркар за заокружување на ростерот за стартот на сезоната, при што изборот падна токму врз 34-годишниот Ковач.

Станува збор за играч висок 199 сантиметри чија главна одлика е одличниот шут од далечина. Тој беше најдобар шутер за три поени во шампионатот на Србија во 2006 година, а истото признание го доби и осум години подоцна во романското првенство, носејќи го дресот на Питешт. Ковач минатата сезона ја мина во дресот на Короивос во Грција, а претходно има настапувано и за Крајова, АПОЕЛ, Црвена звезда, ОКК Београд…

Мирко Ковач е вториот српски кошаркар што потпишува за кумановци во последните 24 часа, откако вчера беше комплетиран и трансферот на крилниот центар Немања Миљковиќ. Претходно Куманово ги доведе и Американецот Грифин Раме и словенечкиот кошаркар Роберт Абрамовиќ, потоа домашниот центар Александар Штерјов, а тренерот Михајловски реши во однос на ланската сезона да ги задржи младиот Тодоровиќ, како и Караџовски, Јанески и Караколев.

Се вчитува...