Тренерот на Црвена Звезда, Дејан Станковиќ, категорично ги отфрли обвинувањата дека обезбедил помош во вид на респиратори и медицинска опрема до српските болници за подобрување на имиџот по враќањето назад во Србија.
„Иницијативата е таква, ако можеш, треба да преземеш нешто, да помогнеш. Слушнав дека сум го направил тоа за реклама, но не ми е грижа што зборуваат луѓето. Јас донирав респиратори за доброто на мојата земја, секој што е во можност треба да помогне, да спасиме што повеќе животи. Респираторите што ги донирав завршија во одделите за интензивна нега во неколку српски болници, искрено се надевам дека ќе бидат од помош“, истакна поранешниот фудбалер, сега успешен тренер.
Црвена Звезда под водство на Станковиќ има одлична предност на врвот на табелата, но тој во моментов не размислува за продолжение на сезоната.
„Јас сум реалист, сега не е време да се зборува за фудбал. Не сакам мојот тим да тренира, дури и доколку некој се обиде да ме натера, би им рекол на играчите да останат дома. Мора да увидиме колку е сериозна ситуацијата, гледам луѓе кои се уште не разбираат колку е опасна болеста. Морате да бидете храбри, интелигентни, да ги слушате правилата… Италија е мојот втор дом, ја чувствувам како дел од себе, а секојдневно гледаме што се случува“, вели Дејан Станковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА