Статистиката на Македонија: Пешевски најдобар стрелец, Кузмановски асистент, Митев со само едно промашување на ЕП

Македонија го заврши настапот на ЕП 2024, остварувајќи ја целата со победата над Швајцарија и третото место во групата, зад моќните фаворити Франција и Германија. „Црвено-жолтите“ блеснаа против ривалот со кој можеа да се надигруваат, покажаа и квалитет и карактер и заслужено се радуваа на триумфот кој беше толку посакуван од оваа млада генерација на ракометари, прва за поголемиот дел од нив во групната фаза од големите натпреварувања.

Кога ќе се погледне низ призма на статистиката, Жарко Пешевски е најдобар стрелец на Македонија на ова европско првенство, искусниот пивот водеше голема борба на линијата од шест метри и на три натпревари успеа да постигне 15 погодоци со само две промашувања. Втор на листата на стрелци е Костески со 12 гола (од 15 обиди), а трет е одличниот Марко Митев, кој постигна 11 гола со само едно промашување на целото ЕП, одличен подвиг ако се знае дека станува збор играч кој настапува на бековската позиција.

Филип Кузмановски е најдобар асистент на Македонија на овој шампионат со 17 асистенции, пред Томи Јагуриновски со десет и Марко Митев со седум.

Мартин Томовски беше херојот во големата победа над Швајцарија, тој воедно е и голман со најмногу одбрани (17) и со најдобар процент на интервенции (31%) од нашето трио. Никола Митревски, кој поади повреда воопшто не беше во комбинација за настап против Швајцарија, го заврши првенството со 12 одбрани (21% на успешност), додека Марко Кизиќ имаше две успешни интервенции во клучните момент ви второто полувреме од мечот со Швајцарија (2/7).

Се вчитува...