Стоилов: Ракомет се игра 60 минути, не само кога Кире е на поблиската страна

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари по голема битка претрпеа пораз на дуелот со Исланд, не успевајќи да се пласираат меѓу 12-те најдобри селекции на СП во Германија и во Данска. Како проблем повторно се покажа падот во играта во второто полувреме, а Столе Стоилов го потенцираше точниот проблем – до пад доаѓаше кога напаѓавме на страната од која Кире Лазаров беше поодалечен од нашата клупа.

„Секако дека сме разочарани бидејќи воглавно одигравме добар натпревар. Сепак, знаеме дека ракомет се игра 60 минути, не може да играме добро едно полувреме и да се надеваме на успех против ривал како Исланд. Не можеме да играме добро само на таа брза страна, кога Кире може брзо да се смени, особено на светско првенство. За жал таа е реалноста, она што го увидовме на овие последни три натпревари, кога сме на брзата страна можеме со секого, но потоа на другата страна имаме проблеми што не успеавме да ги надминеме. Тоа е ракометот, имавме шанса да се вратиме, не ја искористивме и на крајот Исланд заслужено победи“ – истакна Стоилов.

Следен противник на Македонија ќе биде селекцијата на Русија, во битка за пласман меѓу 13. и 16. позиција.

„Тоа е натпревар од светско првенство и сигурно ќе најдеме мотивација за да го одиграме најдобро што знаеме, да играме до крај во вистинско светло и да се обидеме да победиме“ – порача големиот борец во македонскиот национален тим.

 

Се вчитува...