Стојановиќ: Бобан и Динамо ни ги спасија главите тој 13. мај, не чуваа во тунелот на „Максимир“

На просторите на поранешна СФРЈ никогаш нема да биде заборавен натпреварот меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда на 13. мај 1990 година кој никогаш не се одигра на „Максимир“. Сликите од дивеењето и насилството на тој меч го обиколија светот, а фудбалска Европа ништо слично немаше видено уште од „Хејсел“, пет години претходно.

Неколку часа пред натпреварот на улиците во Загреб избија немири предизвикани од навивачите на двата тима кои потоа се преселија и на стадионот. Тоталниот хаос почна кога „Делиите“ провалија на Јужната трибина каде беа навивачите на Динамо.

Легендарниот голман на Црвена Звезда, Дика Стојановиќ кој една година потоа во Бари го подигна пехарот од Купот на европските шампиони, со горчина се потсетува на случувањата од 13. мај 1990 на „Максимир“.

„Кога излеговме на загревање воопшто не размислувавме дека може да се случи такво нешто. Но, политиката замеша прсти, ги искористи масите за свои цели. Штета, затоа што тогаш имавме клубови за запазена улога во Европа, а натпреварите во таа лига беа едни од најквалитетните во Европа. Сигурен сум дека, доколку не се распаднеше Југославија, клубовите како Црвена Звезда, Динамо, Партизан, Хајдук… следните години ќе беа хит во Европа“ – вели Стојановиќ и дополнува:

„Кога почнаа немирите на Максимир сите бевме шокирани. Почнаа каменувања и ние веднаш се повлековме во соблекувалната, и поголемиот дел од случувањата ги гледавме на телевизија. Играчите на Динамо останаа со нас во соблекувалната и чекаа да се смири ситуацијата, за заедно да го напуштиме стадионот. Сите бевме големи пријатели, спортисти и до денес сме во одлични одности. Колку што не бевме свесни што се случува, толку бевме свесни дека сето тоа не ни треба. Никогаш, ни пред тој настан а ни потоа не доживеав некаква непријатност во Загреб. Тешко ми е, како спортист, да дадам одговор зошто тоа се случи, затоа што лигата се играше и следната година а такви нереди никогаш потоа немаше. Денес, после 30 години, слободно може да кажам дека сето тоа беше со наредба изрежирано. На политиката и политичарите тоа им одговораше, а на нас спортистите не“ – тврди Стојановиќ.

Се вчитува...