Македонскиот голман Столе Димитриевски на прес-конференцијата во Астана пред утрешниот натпревар (16 часот) со Казахстан ја истакна огромната мотивација кај секој поединец во репрезентацијата да се дојде до нов позитивен резултат со кој ќе се продолжи битката за водечките две позиции во групата.
„Носиме навистина позитивна енергија и максимален мотив за нов квалитетен натпревар. Знаеме дека ќе биде тежок дуел, посебно кога се игра против една вака цврста селекција и на гостински терен“ – рече Димитриевски и дополни:
„Факт е дека против Белгија одигравме одличен меч од кој заслуживме и повеќе, но таков е фудбалот. Во секој случај, веднаш го заборавивме тој натпревар затоа што сега повторно не чека максимална борба. Не може да очекуваме наша целосна доминација затоа што и Казахстан си има свои математики, но наша цел секако е да дојдеме до победата. Огромна е желбата кај секој од нас за три бода, ќе се подготвиме максимално за нив и со тактичка определба од селекторот ќе се обидеме да дојдеме до посакуваниот цел плен. Важно е да бидеме дисциплинирани на терен и максимално мотивирани“.
Македонија веќе десет едноподруго натпревари нема пораз на официјален натпревар, од септември 2023 година…. Желбата на Димитриевски е да продолжи таа серија.
„Јас лично сум фан на статистиката и, да, се борам да го подобрам секој статистички показатале. Зошто да не се бориме да продолжи и нашата серија на непобедливост“ – рече Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА