Струмица и Јанта волеј ќе водат битка во финалето на одбојкарскиот Куп на Македонија за жени

Струмица жени и Јанта волеј ќе играат во финалето на 31-то издание на женскиот одбојкарски куп на Македонија. Подобропласираните екипи во првенството ги добија полуфиналните пресметки на завршниот турнир што се одржува во салата „Јордан Мијалков“.

Поинтересно беше на првата полуфинална пресметка, во која Струмица жени со пресврт го детронизира Работнички Скопје со 3:2 (24:26, 24:26, 25:22, 25:17, 15:13). Во таборот на Работнички имаат за што да жалат ако се нае дека не ја искористија предноста од два сета што ја имаа. Во таборот на струмичанки блескаше Душка Здјелар која освои 38 поени и го предводеше својот тим до финалето.

Јанта волеј се избори за шесто куп финале со триумф над Наковски волеј со 3:1 (25:19, 19:25, 25:20, 25:16). Тетјана Машковска со 23 поени беше најефикасна на мечот по којшто Јанта волеј ќе игра за вториот пехар во натпреварувањето откако на првиот му се израдува во 2021-ва.

Женското финале е закажано за недела од 12, а машкото меѓу Струмица 47&72 и домаќинот Штип УГД од 15 часот, со преноси на третиот канал на Македонската телевизија.

Се вчитува...