Субашиќ славеше со погледот кон небото: Хрвоје ова е за тебе!

Херојот на Хрватска, голманот Даниел Субашиќ во солзи го дочека крајот на пенал-серијата по која „коцкестите“ обезбедија четвртфинале на СП во Русија. Ги спои рацете и погледна кон небото. Ова беше победа за сите во Хрватска но посебно и за Хрвоје Чустиќ, непрежалениот пријател на Даниел, кој му беше како брат, а чиј лик на маица го носи буквално на секој меч откако го напушти овој свет пред 10 години.

„Мојот Хрвоје засекогаш ќе биде со мене, и тоа не само на маичката туку и во срцето“ – рече неодамна Субашиќ.

Пред три месеци беше одбележана десетгодишнината од смрта на Хрвоје Чустиќ, фудбалер на Задар кој почина откако на натпревар удри со глава во бетонски ѕид покрај теренот. Судбината сакаше токму Субашиќ да ја шутне топката по која се упати Хрвоје, и која за жал никогаш не успеа да ја стигне…

„Не знам… Тој момент никогаш нема да го заборавам. Тоа ми носи огромна болка, но лек за мојата рана се токму овие моменти кога и носиме радост на нацијата. Ова е победа за мојот Хрвоје. Знам дека се радува со нас. Во секој случај, сега и некој од горе беше со нас носејќи ни среќа. Драго ми е што и помогнав на Хрватска и на својот народ да се радува“ – рече Субашиќ по денешната елиминација на Данците и пласманот во четвртфиналето на Мундијалот 2018.

Се вчитува...