Супер-драма: Металург се пласираше во групите од Лигата на Европа

Металург успеа да обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа откако во драматичен натпревар загуби од Криенс со 22-21, исход што беше доволен за пласман благодарение на победата од два гола на првиот меч во Скопје. Дуелот беше супердраматичен буквално до последната секунда, Криенс имаше напад со ракометар повеќе за да стигне до посакуваните „плус два“, но македонскиот тим успеа да се одбрани и да ја исполни зацртаната цел – пласман во групите од второрангираното европско клупско натпреварување.

Хорват го отвори резултатот со прецизно изведен пенал, но Металург потоа цели шест минути беше без постигнат погодок. За среќа, барем одбраната беше на висина на задачата, па по 10 минути игра беа постигнати само четири гола, по два на двете страни. Криенс заигра нешто подобро во нападот, но Металург не се предаде и пред се благодарение на одличниот Канкараш не им дозволи на домаќините да се одлепат. Напротив, избраниците на Кастратовиќ ја стабилизираа играта и по втората украдена топка и гол од контранапад на Тарабокија македонскиот тим поведе со 7-8, резултат при кој домашниот тренер Перковац побара тајмаут.

Дупјачанец бранеше одлично во првото полувреме, но Металург одигра крајно конфузно во нападот не успевајќи да ги искористи одличните интервенции на својот голман за резултатски да се одлепи. По бројните грешки на двете страни, Кастратовиќ реши да побара тајмаут во 27. Минута во обид да ја смири играта на „металурзите“. Сепак, домаќините беа поумешни во самиот финиш од полувремето и на одмор заминаа со минимално водство од 12-11, откако промашија цепелин во последната секунда со кој можеа да стигнат до „плус два“.

Второто полувреме почна многу лошо за Металург, македонскиот тим лесно ги губеше топките во нападот, Криенс знаеше како да го искористи тоа и набрзина поведе со 15-12, принудувајќи го Кастратовиќ да побара тајмаут. Потиќ ја прекина серијата на домаќините, а по едно исклучување во таборот на Криенс македонскиот клуб одговори со три гола за две минути и израмнување на 16-16, откако Хорват стрелаше прецизно во празната мрежа по една украдена топка.

Бековите со исклучок на Тарабокија повторно имаа очајна вечер, се посрамоти Потиќ, потоа и Мариќ, а Криенс го искористи тоа и повторно дојде на „плус два“ (18-16), нешто подоцна и на „плус три“ (20-17). „Металурзите“ повторно се вратија, намалија на 21-20, резултат при кој Поповиќ промаши зицер од контранапад. Мариќ погоди за толку посакуваното израмнување (21-21) на две минути до крајот. Финишот беше супердраматичен, Криенс погоди, Серафимов беше непрецизен, па Швајцарците добија напад за „плус два“, резултат што ќе ги носеше во групната фаза. Домашниот тим имаше и ракометар повеќе на теренот во последните 20 секунди, но Металург се спаси, успеа да изнуди пробивање на две секунди до крајот, за огромна радост и на десетиците македонски фанови на трибините во салата во Цирих.

Се вчитува...