Супер-лигата во ракомет почнува со „братско дерби“ во Автокоманда

Со денешниот „братски дуел“ меѓу Металург2 и Металург во салата „Автокоманда“ ќе биде означен стартот на новата сезона во ракометната Супер-лига. За последен пат (по најавените промени од РФМ) во елитното друштво ќе ги нема најдобрите две екипи од ланската сезона, Вардар и Работник, кои ќе се приклучат на натпреварувањето дури од плејофот.

За разлика од претходните сезони, овојпат од самиот старт на сезоната на домашната сцена ќе се натпреварува Металург. Губењето на второто место од битолски Работник го врати поранешниот првак чекор наназад, но „металурзите“ сепак се оптимисти, дека периодот на натпреври во домашната Супер-лига ќе биде искористен за воигрување на тимот во кој има голем број на нови ракометари.

Пролет ја задржа клупската стратегија да им дава шанса исклучително на македонски ракометари, а интересно ќе биде да се види како ќе се одвива новиот проект на Охрид под водство на Раде Стојановиќ. Бутел по ланската одлична дебитантска сезона се надева на нов успех и во овој шампионат, а останува да се види какви резултати ќе остварува Пелистер во ситуација кога Работник е „водечкиот проект“ во битолскиот ракомет во пресрет на најавената фузија.

Во останатите натпревари од првото коло се среќаваaт: Работнички – Струга (сабота, 13 часот), Пролет – Охрид (сабота, 19 часот), Радовиш – Вардар јуниор (сабота, 19 часот) и Пелистер -Бутел (вторник, 18.30 часот).

Се вчитува...