Супер-размена: Генсхајмер повторно „лав“, Сигурдсон оди во ПСЖ

Супер-размената меѓу ПСЖ и Рајн-Некар Левен ќе биде официјализирана во текот на денешниот ден, откако Уве Генсхајмер замина во Мангхајм за да го потпише договорот со тимот на нашиот Филип Талески. Со овој „дил“, ПСЖ од таборот на германскиот вицешампион ќе го добие исландскиот ветеран Гудјон Валур Сигурдсон.

Ракометните медиуми шпекулираа на оваа тема уште пред неколку месеци, откако беше обелоденето дека Сигурдсон веќе почнал да преговара со ПСЖ, како јасен знак дека „светците“ нема да сметаат на Генсхајмер за наредната сезона. Германскиот ас не криеше дека желба му е враќање во клубот од каде замина во Париз, по што левото крило на германскиот национален тим експресно ги договори и условите за камбек со раководството на „лавовите“.

Официјализацијата на двата договори се очекува во следните 24 часа, по што Генсхајмер и Сигурдсон ќе се вратат во своите клубови да ја доиграат оваа сезона, пред летните преселби во Манхајм и во Париз.

Се вчитува...