Еквадорецот Ричард Карапас е победник на „кралската“, 20-та етапа на овогодишниот „Тур де Франс“, возена од Бург д’Оазан до Алп д’оез во должина од 171 километар, додека Словенецот Тадеј Погачар ја обезбеди својата петта севкупна титула на најголемата светска велосипедска трка.
Специјалистот за бегства, Карапас, успеа да победи на втората етапа во рок од три дена, тој славеше и во четвртокот во Оршер-Мерлет стигнувајќи до целта со предност од 26 секунди пред второпласираниот Белгиец Ремко Евенепул, односно 31 секунда пред трагичарот на етапата, Американецот Сеп Кус кој го освои третото место.
На самиот крај од етапата, Погачар одлучи да остане со својот клупски колега, Мексиканецот Исак Дел Торо, за да му помогне да го обезбеди третото место во генералниот пласман, па затоа не реагираше на забрзувањето на Евенепул во последните три километри. Поради тоа, Погачар и Дел Торо ја минаа целта прегрнати, како четврти и петти, со заостанување од 1 минута и 5 секунди зад Карапас.
Пред последната рамна етапа, која ќе се вози околу Париз и чија должина е намалена од 132,5 на само 89 километри, Погачар во генералниот пласман се уште има голема предност од 6.26 минути пред второпласираниот Евенепул, односно 9.42 минути пред третопласираниот Дел Торо. Со тоа, тој практично ја обезбеди својата петта победа, со што ќе се израмни со рекордерите по бројот на титули, Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мигел Индураин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
