Талески и Металург – добитна комбинација

Филип Талески би можел повторно да го облече дресот на Металург, во обид македонскиот репрезентативец да си ја врати кариерата во посакуваниот колосек. Левиот бек најдобрите моменти во кариерата ги мина носејќи го дресот на „металурзите“, од каде во во 2017 година се пресели во редовите на Рајн-Некар Левен, по што кариерата не му се движи во посакуваниот правец.

Тој се врати во Вардар на почетокот од сезонава, но проблемот со самодовербата е и повеќе од очигледен, одразувајќи се дополнително за негови слаби игри во дресот на македонската репрезентација на СП во Египет. Талески сериозно ја разгледува опцијата за заминување, а целата ситуација би можел да ја искористи Металург, за да го врати своето „дете“ назад во „Автокоманда“.

Раководството на Металург најавува дека повторно сериозен акцент ќе биде ставен на македонските ракометари во тимот, а во една таква ситуација Талески ќе има можност да си ја врати самодовербата и да потсети на најдобрите времиња во кариерата.

„Ние сме горди на сето она што Талески го прикажуваше во дресот на Металург додека настапуваше за нашиот клуб. На сите им е добро познат потенцијалот на овој ракометар, кој за жал прерано си замина од Металург, нешто за што одговорно тврдам дека немаше да се случи доколку јас во тој момент имав одлучувачка моќ. Верувам дека Талески и Металург се добитна комбинација, ние би добиле играч кој кога е во форма е извонреден „бомбардер“, а тој би се вратил во клуб каде што е максимално ценет, за да може да се врати во посакуваниот ритам“, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Вардар не смета сериозно на репрезентативецот, веќе го доведе Шеваљевиќ, а најавува и нови засилувања, па лесно може да се случи Талески да биде достапен за трансфер. Доколку тоа се случи, Металург ќе биде еден од првите што ќе испрати понуда за војот поранешен капитен.

Се вчитува...