Талески: Играме одлично „седум на шест“, но мораме да ги погодуваме зицерите

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Филип Талески е задоволен од начинот на кој игра Македонија на овој Мундијал, потенцира дека тактиката „седум на шест“ функционира беспрекорно, но нашиот бундеслигашки интернационалец е свесен дека за успех на клучните натпревари ќе биде неопходно зицер-ситуациите беспрекорно да се претвораат во погодоци.

„Против Хрватска одигравме еден квалитетен натпревар во кој имавме свои шанси и да се вратиме во неизвесна завршница, што за жал не ги искористивме. Генерално гледано мислам дека во првите три кола сите селекции покажаа знаат и што умеат и не очекувам некои преголеми тактички изненадувања од било кого во преостанатите две рунди. Ние играме „седум на шест“ и слободно можам да кажам дека тоа го правиме одлично, кружиме се додека не се создаде чиста ситуација за гол, но мораме да ги користиме тиe шанси и зицерите да ги претвораме во погодоци“ – истакнува Талески.

Кога станува збор за последните два натпревари, бекот на Рајн-Некар Левен најавува дека македонските ракометари се подготвени за борба и против Шпанија и против Исланд

„Желба на сите е да се пласираме во втората рунда и подготвени сме за предизвиците пред нас. Одиме на две победи, ќе видиме како ќе се одвиваат работите против Шпанија, можеби во финишот малку ќе ги чуваме силите за Исланд доколку немаме шанси за победа на дуелот со Шпанците“ – вели левиот бек на македонската репрезентација.

Се вчитува...