Талески: Ова е привилегија за целиот ракометен спорт, чест ни е што сме дел од спектаклот

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Се е подготвено за историскиот меч во Дизелдорф, во 18 часот кога на теренот на „Меркур Шпил Арена“ ќе истрчаат ракометарите на Франција и Македонија, за нов рекорд на посета на еден ракометен натпревар (се најавуваат 55.000 навивачи на трибините на оваа фудбалска арена).

„Сме гледале полни стадиони, сме присуствувале на трибините на фудбалски средби пред толку луѓе, но да се игра ракометен меч на фудбалски стадион пред повеќе од 50.000 навивачи, тоа навистина ќе биде фантастично. Арената е средена на неверојатен начин, кога влегуваш не се забеежувал дека играш на стадион. Самиот момент, чувството е преубаво, сето ова е историја за нашиот спорт. А за нас е чест и привилегија да отвориме такво првенство“, вели Филип Талески.

Јасно е дека Франција е апсолутен фаворит за победата, но левиот бек најавува дека нашите ракометари ќе се борат од почеток до крај против „триколорите“.

„Играме против најсилната репрезентација во моментов, актуелен олимписки шампион, тим што секогаш игра за медал. Ние треба да уживаме во натпреварот и да дадеме максимум. Знаете, резултатот можеби нема да биде позитивен, но ако дадеме сѐ од себе, по натпревар можеме да кажеме – Тоа е тоа, дадовме максимум. Токму затоа што играме против најсилниот противник треба да бидеме под помал притисок, но не е дека ќе излеземе и без борба. Сите ќе мораме да одиграме најдобро што можеме“, истакнува Талески.

Се вчитува...