Талески: Посакувам победа против Германија, па да им се фалам после

Како што се приближува стартот на Европското првенство во Хрватска, така растат и желбите и очекувањата од настапот на македонската репрезентација. Избраниците на селекторот Раул Гонзалес мирно ги привршуваат подготовките, се темпира формата и се анализираат противниците. Фокусот е на воведниот натпревар со Словенија, примарната цел е пласман во втората фаза на ЕП, ако може и со некој пренесен бод, а желба и најголем предизвик е победа во дуелот со актуелниот шампион, Германија. Посебно за нашите ракометари што играат во Бундес-лигата. Филип Талески во клупски е дел од германскиот шампион Рајн Некар Левен, репрезентативно, младиот бек ќе го игар своето прво европско првенство во сениорскиот дрес на македонската репрезентација. Се надева на позитивни резултати и добар настап, а лично се надева дека ќе има со што да им се пофали и на своите клупски колеги во Германија.

„Се подготвуваме сега конкретно за овие  натпревари што не очекуваат. Треба да ги  дочекаме максимално подготвени, без притисок. Ќе имаме поддршка од публиката. За нас сега најбитен меч е тој со Словенија. Тој прв натпревар ќе одлучува многу во нашата група која според мене е една од потешките групи на првенството. Ако отвориме со еден добар резултат, после ќе може полесно да играме со секого“ – вели Филип Талески.

Во улога на предводник на новата генерација која носи нов бран свежина во македонската репрезентација, Талески најавува максимална посветеност и концентрација во сите дуели. Посебно на дуелот со Словенија која на ЕП ќе настапи без неколку клучни играчи.  Што може да биде шанса, но и опасност доколку се потцени силата на противникот.

„Словенците се во некој, така да кажам, кризен период, имаат многу повредени играчи. Но, за нас тоа треба да биде уште поголем мотив и шанса што треба да ја искористиме. Да се подготвиме уште повеќе, да одговориме подготвено и да ги искористиме потенцијалните слабости на противникот. Сепак, репрезентацијата на Словенија во никој случај не смее да се потцени иако на ова ЕП ќе настапат без неколку клучни играчи. Видовме на последното СП дека Словенија е репрезентација која може секогаш и секого да изненади. Не треба да се опуштиме во ниеден момент. Мора тој натпревар да го одиграме максимално подготвени и концентрирани од првата до последната минута. Па после чекор по чекор ќе одиме понатаму“ – истакнува 21-годишниот македонски репрезентативец.

Со добра тактичка подготвеност шансата за позитивен резултат не е исклучена дури ни против Германија како прв фаворит во групата. Токму бранителот на титулата ќе биде и најголем предизвик, а во најлошото сценарио, последниот меч во групата може да биде и финална шанса за место во втората фаза.

Искрено, малку сум изненаден од составот со кој што ќе игра Германија. Посебно што го нема Руне Дамке кој одигра одлично на претходното првенство кога го освоија златото. Исто и Лемке кој беше клучен играч во одбрана. Или германскиот селектор има некој нов адут во екипата или е можеби некој друг проблем во тимот. Но, Германија во овој состав не е таа што беше на претходното ЕП и мислам дека и со нив можеме да играме. Мислам дека со секого може да играме и да изненадиме дури и со Германија. Зошто да не. Да пишува во Европа дека Македонија го победила актуелниот европски шампион. Па да им се фалам малку после кога ќе се вратам во Рајн Некар Левен“ – во шега вели Филип Талески.

Македонската репрезентација утре заминува за Загреб, а во сабота го игра првиот меч против Словенија. На 15 јануари е дуелот со Црна Гора, а на 17 јануари пресметката со Германија. Во втората фаза на ЕП во Вараждин продолжуваат првите три репрезентации од групата кои потоа вкрстуваат со најдобрите три од групата Д (Шпанија, Данска, Унгарија и Чешка).

Се вчитува...