Таткото си го брани синот: Ако Германија победи – заслужни се сите, а ако загуби – виновен е Озил!

Германија доживеа многу рана елиминација на Светското првенство во Русија, а духовите се уште не мируваат. Голем дел од вината падна на плеќите на Месут Озил, на кого јавноста во Германија многу му замери и затоа што замина на средба со претседателот на Турција, Реџеп Ердоган, пред самиот почеток на Мундијалот. Дури и дел од раководните луѓе во германскиот фудбал сметаат дека Озил веќе не треба да игра за националниот тим.

Мустафа Озил, таткото на Месут, јавно ги нападна сите оние кои мислат дека играчот на Арсенал е единствениот виновник за дебаклот на Германија на Светското првенство.

„Да бев на местото на Месут, веќе на сите јавно ќе им кажев…’Благодарам за се, ама ова е веќе премногу’. Тој е страшно разочаран, не затоа што смета дека играл добро на Мундијалот, туку затоа што беше исвиркан од германските фанови. Тој едноставно не може тоа да го разбере. Месут девет години го носи дресот на Германија и беше дел од тимот што донесе светска титула. Сега, работите се сведуваат дека кога Германија победува – заслужни се сите, а кога губи како на овој Мундијал – тогаш виновен е Месут Озил. Инаку, не е првпат Месут да се фотографира и со Реџеп Ердоган. Тоа не е политичка порака, како што некои си ја сфаќаат, туку израз на почит, кога ќе ве повикаат како гостин. Месут е фудбалер, не се занимава со политика, туку само сака да игра фудбал“, објасни неговиот татко Мустафа.

Се вчитува...