Тажен ден за англискиот фудбал: Почина поранешeн голман на Манчестер Јунајтед, Астон Вила и на Арсенал

На 78-годишна возраст почина Џими Ример, легендарниот англиски голман и двократен освојувач на Европскиот куп, денешната Лига на шампионите.

Ример, кој во кариерата настапуваше за Манчестер Јунајтед, Арсенал и Астон Вила, важеше за еден од најдобрите голмани на својата генерација. Сепак, неговата кариера остана обележана и со неверојатен пех во најважните натпревари.

Иако има две медали од освојувањето на Европскиот куп, Ример не беше на теренот при крајот на ниту едно од двете финалиња. Во 1968 година беше на клупата на Манчестер Јунајтед во финалето против Бенфика, кое англискиот тим го доби со 4:1.

Четиринаесет години подоцна, Ример беше стартер на голот на Астон Вила во финалето против Баерн Минхен во Ротердам. Сепак, по само девет минути мораше да го напушти теренот поради повреда на вратот, а на негово место влезе Најџел Спинк.

Ример тешко го поднесе моментот и во соблекувалната бил во солзи додека лекарскиот тим се грижел за неговата повреда. Сепак, успеал да се врати на клупата навреме за да го проследи голот на Питер Вит и прославата на историскиот триумф на Астон Вила.

Роден во Саутпорт во февруари 1948 година, Ример се приклучил на Манчестер Јунајтед како младинец во 1963 година, а две години подоцна потпишал професионален договор. Во клубот од „Олд Трафорд“ поминал 11 години, најчесто како замена за легендарниот Алекс Степни.

Во 1974 година потпишал за Арсенал, а три години подоцна се преселил во Астон Вила за само 65.000 фунти. Таму брзо се наметнал како прв голман и во шест последователни сезони беше стандарден чувар на мрежата, со вкупно 287 настапи во сите натпреварувања.

Ример беше дел и од шампионската генерација на Астон Вила во сезоната 1980/81, кога клубот ја освои титулата во Англија. Во таа сезона беше еден од само седумте фудбалери со настап на сите натпревари.

По повредата во финалето против Баерн, тој повторно беше прв избор на голот на Вила во првиот дел од сезоната 1982/83, а последниот натпревар за клубот го одигра во градското дерби против Бирмингем Сити непосредно по Божиќ.

Во 1983 година се врати во Свонси, овојпат со перманентен договор, а подоцна работеше и како тренер во Канада.

Се вчитува...