Тен Хаг: Бесни сме и лути… Ливерпул ќе го почувствува тоа

Ерик тен Хаг не го криеше разочарувањето откако Манчестер Јунајтед прокоцка предност и во драматичен финиш прими голови во 100. и во 101. минута губејќи на крајот од Челси со 4-3 во најдраматичниот меч во Премиер-лигата оваа сезона.

Овој дуел следи веднаш по гостувањето во Брентфорд каде Јунајтед остана без цел плен по примениот гол во 99. минута, по што се поголемо е заостанувањето на „црвените ѓаволи“ зад ривалите во трката за место кое води во Лигата на Шампионите. Следен предизвик за Јунајтед е неделното дерби со Ливерпул на „Олд Трафорд“, а Тен Хаг е убеден дека неговиот тим ќе покаже карактер против тимот што моментно се наоѓа на чело на табелата.

„Бесни сме и лути. Оваа седмица загубивме пет бода во судиското продолжение, нормално е да се биде разочаран. Мислам дека Ливерпул ќе го почувствува нашиот бес. Немаме многу време, мораме да ја промениме атмосферата, да бидеме позитивни и да дадеме се од себе в недела. Знаеме дека многу заостануваме во трката за место во ЛШ, затоа секој меч до крајот на сезонава е како финале за нас“, изјави Тен Хаг.

Се вчитува...