Тиери Анри – француската икона што стана белгиски адут

Дваесет години по најголемиот успех на францускиот репрезентативен фудбал, актуелниот состав на „триколорите“ вечерва влегува во битка за ново мундијалско финале и тоа со „златната генерација“ на соседната Белгија.

Двете репрезентации беа во редот на фаворитите и пред почетокот на Светското првенство во Русија, но само една ќе обезбеди место во битката за трофејот, в недела во Москва против подобриот од вториот полуфинален дуел во кој ќе се соочат, Англија и Хрватска.

За пресметката меѓу селекциите на Франција и на Белгија, двете со бројни големи имиња на фудбалската игра, може да се зборува и анализира многу. Сепак еден дел од оваа приказна има специфична тежина. Секако, тоа е улогата на Тиери Анри.

Францускиот репрезентативец од славната генерација од 1998, сега му е помошник на Роберто Мартинез во белгискиот состав.

Анри е роден во Париз, за националниот тим постигна 53 гола во 123-те настапи. Покрај светската титула во 1998, во репрезентацијата триумфираше и на Европското првенство во 2000 година.

Но, сега тој учествува во стратегијата за победа против неговата национална селекција. Вечерва ќе биде на спротивната страна од поранешниот соиграч, Дидие Дешамп. Оваа двојка никогаш не била поразена во 21 натпревари на кој играла заедно за Франција.

„Навистина е бизарно затоа што тој е Французин, а ќе биде на противничката страна. Многу го почитувам и среќен сум за него“ – изјави Дешамп на темата Анри.

Кевин де Бруин пак е сигурен дека Анри, „ќе сака ние да бидеме на врвот“. Лукас Хернандес пак смета дека за Анри ова е вин-вин ситуација.

„Цела Франција знае колку голем фудбалер беше тој и каква икона на фудбалот е. Но затоа што е Французин, мислам дека ќе се радува и ако победиме ние“ – вели Хернандез.

Дел од француската јавност пак смета дека Анри е во погрешниот камп. Тој најголемиот дел од кариерата го помина во англиската Премиер-лига како играч на Арсенал. Во францускиот фудбал никогаш не бил инволвиран иако е еден од  најславните фудбалери што го дала оваа земја.

 

Се вчитува...