Тиквеш до значаен гостински триумф над Пролет

Ракометарите на Тиквеш продолжуваат со добрите игри на стартот од плејофот, откако на ремито со Алкалоид се надоврза со денешната гостински победа на гостувањето против Пролет, изразена со конечни 24-29. Подмладениот состав на Пролет се обиде да стори нешто повеќе и да им ги замрси сметките на кавадарчани, но Тиквеш заслужено славеше, контролирајќи го резултатот од самиот старт, па до крајот на натпреварот.

Како пресуден се покажа одличниот старт на тимот предводен од Данило Брестовац, кој набрзина поведе со 1-4. Пролет намали на 3-5 и 7-9, но домаќините во ниту еден момент не успеаја да ја спуштат разликата под два гола разлика. Тиквеш подобро го заврши полувремето, за момент имаше и „плус пет“ (9-14), на одмор заминувајќи со водство од 11-15. Гостите имаа и шест гола водство на почетокот од второто полувреме (12-18),но младиот состав на Пролет не се предаде, покажувајќи карактер и враќајќи се на само два гола разлика (22-24). Сепак, поискусниот состав на Тиквеш знаеше како да ја задржи предноста во клучните моменти, славејќи со конечни 24-29.

Покрај одличниот голман Брауновиќ, најзаслужен за триумфот на кавадарчани беше Димовски со шест погодоци. Најдобри стрелци на Пролет на овој натпревар беа Палевски со седум и Андоновски со пет погодоци.

Се вчитува...