Тиквеш лесно до бодови во Бутел

Екипата на Тиквеш забележа неочекувано лесна и рутинска победа на гостувањето против Бутел (25-29), со што кавадарчани се зацврстија на петтото место на табелата од плејоф шампионатот. Иако „бутелци“ ја имаа улогата на благи фаворити на овој меч, гостите од Кавадарци одиграа поквалитетно и заслужено стигнаа до победата.

Во знакот на Бутел минаа само првите дваесетина минути од мечот во кои домашните ракометари доминираа, стигнувајќи до убедлива предност од 11-6, потоа и од 12-7. Тиквеш со серија од три гола најпрвин намали на 12-10, а потоа гостинскиот тим предводен од Кривокапиќ направи нова мини-серија, го сврте резултатот во своја полза и на одмор замина со водство од 13-15. Тиквеш потоа го отвори вториот дел со брзи два гола, по што гостите до самиот крај рутински ја одржуваа предноста се до конечните 25-29.

Кривокапиќ беше најефикасен во победничкиот тим со осум гола, шест постигна Обина, додека најдобри стрелци кај Бутел беа Николов со осум и Михајловиќ со шест погодоци.

Се вчитува...