Тоа се вика лојалност: Фудбалерите на Рома четири месеци ќе играат без плата

Фудбалерите на Рома му дадоа ново значење на зборот „лојалност“ во времето на коронавирус откако самите се понудија во следните четири месеци воопшто да не земаат плата, за да му помогнат на клубот во времето на финансиска криза поради коронавирусот. Голем дел од клубовите веќе со недели преговараат со играчите за кратење на процент од платите, но членовите на „волчицата“ целосно се ставија во служба на колективот.

„Сакаме да играме што побрзо, да помогнеме да се остварат клупските цели, но исто така ни е јасно дека тоа нема да биде доволно во ситуација во сериозни последици од економски аспект врз нашиот клуб. Затоа, го дадовме нашиот предлог до управата, за оваа криза да мине што побезболно“, се вели во писмото на фудбалерите и стручниот штаб на „волчицата“.

Директорот Гвидо Фиенга имаше само пофални зборови за овој гест на играчите, со кои ја изненадија и највисоката управа на римскиот клуб.

„Секогаш зборувам за единството што владее во Рома. Со нивното самоиницијативно откажување од платите до крајот на сезонава, сите само покажаа дека сме заедно во оваа криза. Един Џеко, сите фудбалери и тренерот Фонсека покажаа дека разбираат во каква ситуација се наоѓа нашиот клуб. Им се заблагодаруваме за овој прекрасен гест“, порача Фиенга.

Се вчитува...