Тодоров: Би сакал да ги видам „Фемили“ против Партизан

Директорот на МЗТ Скопје, Видоја Секуловски, најави дека „металците“ ќе влезат со намален буџет во новата сезона, но тренерот Александар Тодоров смета дека сепак актуелниот македонски првак може да постигне уште подобри резултати во однос на лани.

Буџетот е намален, но тоа несекогаш има влијание врз резултатите. Наша желба е да покажеме дека и со ваков буџет и со четири странци (еден со краткорочен договор) можеме да оствариме подобри резултати отколку во претходните сезони. Задоволен сум од тимот, имаме осум кошаркарки кои се наоѓаат на поширокиот список на македонската репрезентација, а и самиот минав десетина дена во САД за да ги изберам странците. Со двајца од нив имав непосреден контакт, а единствено Џенсен е играч што го ангажиравме преку менаџерска агенција“ – истакнува Тодоров.

Тој упати и повик до најверните навивачи на „металците“, припадниците на „Фемили Аеродром“ веќе од петок и дуелот со Партизан да се вратат на трибините во СЦ „Јане Сандански“.

Јас лично би сакал да ги видам Фемили Аеродром на трибините, уште повеќе ако се знае дека традиционално против Партизан секогаш имаме гостински навивачи од околните градови кои доаѓаат и им даваат поддршка на „црно-белите“. Секогаш е многу поубаво да ги слушнеш сопствените фанови како те бодрат отколку во своја сала да слушаш гостински навивачки песни, затоа и јас лично ги повикувам Фемили да дојдат и да ни дадат поддршка“ – вели тренерот на МЗТ Скопје.

Клучно на дуелот со „црно-белите“ од Белград ќе биде да се неутрализира брзата игра на српскиот клуб.

„Партизан е тим што околу 50% од поените постигнува од контранапад или од секундарна транзиција. Ако сакаме да ги запреме, мораме да ги неутрализираме, како во контрите така и во создавањето на позиции за шутерите, кои досега шутираат одлично во подготвителниот период“ – потенцира стратегот на „металците“.

Тој изрази задоволство од растот на формата во домашното првенство, но и искажа разочарување што македонските прволигаши одбиле да одиграат контролни средби со неговиот тим.

Зад нас се седум меѓународни пријателски средби, од кои шест на гости и само еден домашен дуел. Сметам дека тоа е сосема доволна бројка на пријателски средби, можеби ќе ни дојдеше добро уште некој дуел со македонски екипи на домашен терен, но овие екипи едноставно не сакаа да играат пријателски натпревари со МЗТ Скопје“ – истакна Тодоров.

Се вчитува...