Тодоров: Добро е што триумфиравме и покрај слабиот шут за три поени

Тренерот на МЗТ Скопје, Ацо Тодоров, вели дека е задоволен од победата, бидејќи не е лесно да се добие сериозна екипа како што е Берое, дури и на пријателски натпревар. И покрај тоа што тимот од Аеродром имаше слаб процент на реализација од линијата за три поени, Тодоров е задоволен што во триумфот постигнаа речиси 80 поени. Сепак, останува да посветат повеќе внимание на одбраната, особено на контранападите.

„Задоволен сум што победивме, бидејќи знаеме дека Берое е сериозна екипа која пред неколку дена го совлада Лукоил во бугарскиот Суперкуп, и тоа на гостински терен. Добро е што триумфиравме иако не бевме шутерски расположени, особено во првото полувреме кога имавме само 8% реализација од линијата за три поени. На крајот завршивме со 26% реализација, што е под просекот кој сакам да го одржуваме како екипа, но добро е што постигнавме речиси 80 поени и покрај слабиот шут. Единствена негативна забелешка ми е начинот на кој трчавме, особено во дефанзивата. Примивме многу кошеви на транзиција, Берое една третина од поените ги постигнаа преку контранапади, а таква филозофија негува Партизан, па нагласено им беше на кошаркарите да внимаваат многу повеќе во тие ситуации. Игравме со скратена ротација, бидејќи Мекиќ и Маслинко се уште се опоравуваат од повредите, па така целиот товар беше на осум играчи. Се надевам дека до петок ќе бидат подготвени и двајцата“, истакна Тодоров.

МЗТ Скопје со овој натпревар ги завршува претсезонските подготовки, а Тодоров посочи дека противниците биле по негов избор. Поквалитетните противници ги обелоденија слабостите кај тимот, па така најмногу внимание беше посветено токму на тие слабости.

„Од целокупните подготовки, можам да кажам дека сум задоволен бидејќи игравме со доста квалитетни противници, кои беа мој избор. Не сакав да имаме подготвителни натпревари каде би победувале со по 30 поени разлика, па кога ќе дојдеме да играме на официјални мечеви да си имаме големи проблеми. Вака со посилни противници, ги видовме нашите слабости, па вниманието и времето беше посветено само да ги корегираме особините кои не прават ранливи. Според мене, направивме добар избор на седум тимови со кои се пресметавме“, додаде Тодоров.

Се вчитува...