Тодоров: Задоволен сум од ростерот, македонските играчи ќе добијат шанса

МЗТ Скопје денеска официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона во која ќе ја бранат круната во Македонија, но и ќе атакуваат на што подобар пласман во АБА-лигата. Александар Тодоров, кој му ја донесе првата шампионска титула на клубот од скопската населба Аеродром, истакна дека ростерот наскоро ќе биде финиширан, за да се има доволно време за подготовки и целосно воигрување пред предизвиците што следат.

Денеска почнуваме официјално со подготовки за сезоната, иако веќе одреден период бевме во тренажен процес, најмногу со Дамјан Стојановски со кого работевме уште од мај. Уште овој тренинг сме некомплетни бидејќи ни недостигаат двајцата Американци кои ќе пристигнат вечерва, а утре по медицинските прегледи ќе ни се стават на располагање. Реално, неопходен ни е уште еден играч на позицијата центар, но најверојатно ќе ни биде потребно уште кратко време за да го договориме овој трансфер. Во секој случај, очекувам целиот ростер да ми биде комплетиран до првата контролна средба, за потоа да имаме доволно време за воигрување пред стартот на сезоната и премиерниот дуел од АБА против Партизан“ – изјави тренерот Александар Тодоров.

Тодоров на воведната прес-конференција најави дека посакува под негово водство „металците“ да имаат што повеќе македонски играчи во тимот, желба што му се исполни.

Реално сезоната ќе ја почнеме со четири странци, од кои едниот е принудно решение по повредата на Марко Симоновски (ќе паузира најмалку до ноември), значи идејата беше да стартуваме со тројца играчи од странство. Секогаш има подобри и полоши решенија, мислам дека ова што го завршивме како потпис на играч е она што можевме и задоволен сум. Војдан и Самарџиски реално не беа во комбинација, додека од оние кои очекував да ги имам во тимот беше Љубомир Младеновски, но ние со него воопшто не дојдовме во ситуација да преговараме за финансии бидејќи во стартот желба му беше да замине во странство. Во секој случај акцент ставаме на македонските играчи, кои ќе добијат шанса за докажување“ – истакнува Тодоров.

МЗТ Скопје првите контролни средби би требало да ги игра на турнирот во Истанбул на почетокот од септември, иако „металците“ прават напор претходно да организираат и еден домашен натпревар, доколку е тоа можно.

Се вчитува...