Торино во акција: Седум милиони евра за Нестор-гол

Илија Несторовски повторно е актуелен на италијанскиот фудбалски пазар, откако Торино реши да го интензивира интересот за македонскиот ас, па веќе испрати и официјална понуда до Палермо за неговите услуги.

Првата понуда на Торино изнесува седум милиони евра, сума што тимот на Синиша Михајловиќ е подготвен да ја плати за да го доведе Нестор-гол крај Андреа Белоти веќе во јануарскиот преоден рок. Како што јавуваат италијанските медиуми, „торинезите“ се решени да доведат нов голгетер во текот на јануарскиот преоден рок, а прв на листата со желби на Михајловиќ е токму Македонецот.

Сепак, се чини дека оваа понуда ќе биде недоволна за да се убеди Палермо да го продаде својот најдобар фудбалер, кого претседателот Зампарини го има проценето на најмалку 15 милиони евра. Првиот човек на Палермо најави дека доколку клубот не добие нови газди тој најверојатно ќе биде принуден да ги продава клучните играчи веќе во јануарскиот преоден рок, па останува да се види дали тоа ќе значи и преполовување на сумата што сицилијанците ја бараат за Македонецот.

Во секој случај, дури и доколку се прифати оваа понуда на Торино, Палермо добро би заработил на Нестор-гол со оглед на фактот дека италијанскиот клуб плати 500.000 евра за да го доведе македонскиот голгетер од Интер Запрешич.

Се вчитува...