Торонто ги запре „ракетите“, поразени и Кливленд и Голден стејт

На серијата на Хјустон рокетс од 17 победи и дојде крај синоќта, кога „ракетите“ беа приземјени во Торонто, губејќи со 108-105. „Рептилите“ предводени од Лоури поведоа со 32-16 во раната фаза од натпреварот, но Хјустон успеа да се врати пред се благодарение на Харден. Сепак, во клучните моменти поприсебни беа домашните кошаркари, кои го зедоа скалпот на фаворитот за своја седма победа во низа.

Лаури беше човек на одлука со 30 поени и седум тројки од вкупно девет обиди, ДеРозан постигна 23 поени, додека Валанчиунас стигна до дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови. Џејмс Харден беше најефикасен на натпреварот со 40 поени, сепак недоволно за Хјустон да стигне и до 18. победа во низа.

Во одличен ритам се наоѓа и тимот на Портланд, кој стигна до деветтата победа во низа триумфирајќи над шампионот Голден стејт со 125-108. „Воините“ допатуваа без повредениот Кари, како и без Вест, Игудала и Бел, па со така ослабен состав не успеаја да му парираат на домаќинот. Меколум беше прв стрелец на Портланд со 30 поени, Лилард реализираше 28 поени и осум асистенции, додека Дурант беше главна фигура кај шампионот со 40 поени.

Пораз претрпе и вицешампионот Кливленд, кој загуби со 116-102 на гостувањето против ЛА клиперс. Домаќините го добија првиот период со 35-17 и потоа го контролираа резултатот до самиот крај, пред се благодарение на одличниот ДиАндре Џордан, кој оствари дабл-дабл од 20 поени и 23 скокови.

Резултати НБА:

Детроит – Чикаго 99-83, Индијана – Атланта 112-87, Торонто – Хјустон 108-105, Мемфис – Јута 78-95, Милвоки – Њујорк 120-112, Њу Орлеанс – Вашингтон 97-116, Денвер – ЛА лејкерс 125-116, Портланд – Голден стејт 125-108, Сакраменто – Орландо 94-88, ЛА клиперс – Кливленд 116-102.

Се вчитува...