Тотална статистичка израмнетост со Ерменците: Да се одмаздиме за последниот убедлив пораз

Македонија и Ерменија вечерва од 18 часот на националната арена „Филип Втори“ во рамките на Лигата на нациите ги очекува седмиот меѓусебен натпревар во историјата.

Ако се погледне статистиката, тотална израмнетост владее меѓу двете селекции кои имаат по две победи и два порази, а два меча завршиле без победник, притоа и со гол разлика од 11-11.

Но, Македонија нема победа против Ерменците од 4. јуни 2005 година, или повеќе од 13 години, кога во Ереван славевме со 1-2 со двата погодоци на Горан Пандев.

Сепак, во последниот меѓусебен дуел, Ерменија на 7. октомври 2011 година во квалификациите за ЕП 2012 славеше во Ереван повеќе од убедливо со 4-1. Стрелец на единствениот гол за нас беше Ванче Шиков, а на тој меч од актуелната македонска репрезентација играше единствено Иван Тричковски.

Сега, македонските репрезентативци и тоа како се желни за одмазда за тој пораз верувајќи дека вечерва во Скопје може да дојдат до триумф кој и на широко би ги отворил и портите за првото место во групата 4 од Лигата на нациите.

На натпреварите кои сме ги играле на домашен терен во Скопје, против Ерменија имаме една победа, пораз и реми. Единствената победа во Скопје е запишана во квалификациите за СП 2006, на 18. август 2004 година кога славевме со 3-0 со головите на Пандев, Шаќири и Шумуликоски.

На последниот дуел во Скопје, пак, одигран на 7. септември 2010 година ремизиравме (2-2) со головите на Марио Ѓуровски и Илчо Наумоски….

Се вчитува...