Тотенхем прокоцка водство од 3-1 и остана без двајца првотимци

Тотенхем загуби два значајни бода во трката за висок пласман на премиерлигашката табела откако „спарси“ ремизираа 3-3 на гостувањето против Саутемптон, меч на кој избраниците на Антонио Конте прокоцкаа водство од 1-3 во завршните петнаесетина минути. Згора на тоа, Антонио Конте ќе има главоболки по овој натпревар ако се знае дека уште во првото полувреме остана без повредените Ришарлисон и Дејвис кои ќе мора да минат извесен период надвор од теренот.

Десниот бек Поро го отвори резултатот во финишот од првото полувреме, како најава за суперинтересните втори 45 минути на „Сент Мери“. Саутемптон израмни преку Че Адамс, но следеа голови на Хари Кејн и на Перишиќ за удобно водство на „спарси“ од 1-3. Саутемптон покажа карактер и се врати, најпрвин Волкот намали на 2-3, потоа „светците“ промашија една стопроцентна шанса, пред да добијат подарок пенал по несмасната интервенција на Бисума, што Ворд Прауз го претвори во конечни 3-3.

Тотенхем остана на четвртото место на табелата, со два бода предност, но и два меча повеќе во однос на Њукасл на петтата позиција.

Возбудливо беше и на „Молинју“, каде Лидс како гостин славеше против Вулверхемптон со 2-4, за огромни бодови во борбата за опстанок. Родриго стави печат на победата во судиското продолжение, а „волците“ го завршија овој натпревар со играч помалку по црвениот картон што го заработи Ото во 84. минута.

Астон Вила ја оправда фаворитската улога против Борнмут триумфирајќи со убедливи 3-0. Даглас Руиз го отвори резултатот по првите десетина минути игра, за во завршницата Астон Вила да постигне уште два гола, преку Ремзи и Буендиа.

Се вчитува...